СИТЕ НАРАЧКИ НАД 1000 ден БЕСПЛАТНО СЕ ДОСТАВУВААТ ДО ВАШИОТ ДОМ

Eтичко купување е поим кој често го слушаш, но што навистина значи?
Дали одржливост е поим кој по дефиниција значи да се одржуваат работите исти или пак на етичкото купување му е потребно повеќе од компаниите во 21виот век? Може ли тоа да значи поттикнување на развојот, претприемништвото и иновациите?

Набавувањето на состојки е покомплицирано со текот на времето, а е посебен случај кога зборуваме за есенцијалните масла. Потрагата по миризливи состојки никогаш не била поголема, а тие самите имаат широк спектар на употреба: oд средства за хигиена до колонска вода, што значи побарувачката често знае да ја надмине понудата. На пример ванилата може да ја најдеме во скоро секој мирис и вкус околу нас, но како природна состојка постои во ограничено количество, особено ако си во потрага по сигурност дека е со најдобар квалитет добиен со правилно тргување и притоа не влијае негативно на околината.

Тоа е дилемата со која се соочуваат многу компании, а бројот на решенија е мал. Компаниите кои сакаат да бидат праведни кон заедниците што ги снабдуваат, но и кон животната средина и купувачите имаат само две опции:
  Да вложат време и ресурси за да се посветат на наоѓање стратегија за набавка со која се гарантира транспарентност и функционалност во ланецот на набавка.
  Кога не е возможно пронаоѓање на сигурен и етички извор на состојки, тогаш да се вложи во квалитетни синтетички состојки или пак да се прилагодат производите со намалена количина од истата состојка по која се трага.

ДАМАСКИСКА РОЗА - ROSA DAMASCENA 

Маслото од рози се користи во парфемската индустрија поради неговата способност за привлекување, како и смирување на кожата. Како што кажува самото име, оваа роза потекнува од Сирија, но нејзиниот дом е сега помеѓу планините во Јужна Турција. Тоа е местото каде најмногу се одгледуваат овие рози иако почнуваат да добиваат конкуренција од бугарските одгледувачи во градот Казанлак во долината на розите. 

Во Турција индустријата за рози се потпира на работењето на имигрантите. Традиционално, Ромите доаѓаат секоја година за рачно да ги берат цветовите. Во последните години, на Ромите им се придружија Сиријците кои успеале да ја поминат границата. Работниците секогаш се јавуваат кај своите роднини за да ги уверат дека се сигурни додека кампуваат на рабовите на полињата рози, подготвувајќи се секој ден да берат во зори. 

САНДАЛОВИНА - SANTALUM ALBUM И SANTALUM

Ова масло е можеби најпознато по својот сладок и богат мирис, но сандаловината има и своја темна страна...

За сандаловината се знае илјадници години, се користела во ритуали и како лек во делови на Азија каде се палела за ароматизирање на воздухот. Го пронашла својот пат и до производите за поширока намена: парфеми, козметика и за збогатување на вкусот. 

Стеблото на сандаловината е посебно бидејќи расте како паразит, прицврстувајќи се на корените на неколку различни билки. Отприлика се потребни 25 години да стеблото ја достигне својата конечна големина. Постојат два вида на сандаловина: индиска и австралиска. За жал, природните резерви почнаа да се намалуваат, а одгледувањето во Индија опаѓа. Реткоста на сандаловината како и високата цена се мотив за криумчарење, незаконитости и финансиски проневери. Пронаоѓањето на веродостоен и одржлив извор е тешко и потребни се упорност и грижа.

ОРЛОВО ДРВО - AQUILARIA SINENSIS

Стеблото на орловото дрво потекнува од Хонг Конг, а во превод значи миризливо пристаниште. Последната трага од ова наследство е под закана поради глобалниот апетит за ова масло. Расте на повредените делови од кората на стеблото на Aquilara. Стеблото природно се оштетува од канџите на тигрите и мечките, а трулите делови кои се создаваат се собираат и кога ќе се запалат создаваат неодолива привлечност. 

Дестилацијата во есенцијално масло станува најскапата состојка во парфемската индустрија. Таинствениот дрвенест мирис со векови бил популарен на Блискиот исток, а моменталната популарност на Запад води до исчезнување на последните стебла во дивината. Нови плантажи никнуваат во делови на североисточна Азија и се борат со големата побарувачка по таа мирисна габа.

ТЕМЈАН - BOSWELLIA CARTERII

Стеблата на темјанот се едни од највисоките во светот. Растат во области кои се синоним за потешкотии - Етиопија, Сомалија, Јемен. Таму е домот на една од најстарите состојки во историјата. 

И покрај потешкотиите на кои наидуваат овие стебла, тие пружаат живот на многумина. Едноставно засекување на кората на стеблото овозможува да истече течност. Се создаваат капки златна смола која се собира и продава како темјан. Потоа се користи како ароматична смола за горење или се дестилира за да се добие масло за парфемскиот пазар. Големата побарувачка на пазарот може да поттикне претерано собирање на оваа смола, па се преземаат мерки за да се обезбеди долготрајно здравје на стеблото и луѓето кои живеат од него. Но, тоа не е лесно поради војните и сушите кои се редовна појава. 

ТОНКА - DIPTERYX ODORATA

Тонката мириса слатко и пикантно, а често се користи заедно со ванилата за слатки комбинации за вкус и мирис, но не треба да се јаде во големи количини. САД ја ограничува употребата на тонка во храната бидејќи содржи кумарин во голем дел и потенцијално може да реагира со лекови. Но, не се грижи, потребно е да изедеш најмалку 30 тонка бобинки за да се достигне нивото на опасност по здравје. 

Расте длабоко во Амазон каде се собира од домородниот народ Kayapo и им обезбедува приход и дополнителна причина за заштита на ова драгоцено стебло.

ГЕРАНИУМ - PELARGONIUM GRAVEOLENS

Некои луѓе сметаат дека одгледувањето на билки за есенцијални масла претставува луксуз и дека земјата треба да се искористи за одгледување храна. На прв поглед тоа изгледа како добар предлог, но ако ѕирнеш под површината ќе наидеш на заедница каде се вреднува спротивното. Во сенките на планината Mount Kenya фармерите кои ги снабдуваат европските супермаркети со овошје остануваа во суша. 

Празните ветувања и променливиот пазар претставуваат купишта зелка, моркови и компири кои најчесто пропаѓаат кога пазарот се менува или паѓа. Наместо тоа, невините зелени лисја на гераниумот се од голема помош. Среќно посаден помеѓу посадената храна ги брка штетниците, има потреба од малку вода и секојдневна грижа, а пружа сигурен извор на приходи на фармерите кои се изложени на нестабилниот пазар.

ВАНИЛА - VANILLA PLANIFOLIA 

Ванила.. Може да ја најдеме во сладоледи, парфеми, освежувачи за автомобили и свеќи. Тоа е толку чест вкус кој станува досаден, секојдневен, но вистината за оваа состојка е далеку од тоа. Во Уганда, светската престолнина на ванилата, одгледувачите на ванила често остануваат со горчлив вкус во устите.

Фармерите кои работат по принципите на праведна трговија се соочуваат со крадење на посевите директно од земјата. Доаѓа и до насилство кое завршува дури и со убиства. Овој зачин за кој има висока побарувачка го одржува врвот на пазарот, а цената расте поради неколку причини, меѓу кои и често променливите временски услови.

Светската побарувачка за овој сладок зачин е незаситна. Стигнува и до 3,000 тони годишно. Процесот на растење и подготовка на ванилата за  употреба во производи е долг и напорен, а за една берба се потребни и до 5 години. Со толку голема побарувачка, многу луѓе се подготвени да стигнат до оваа состојка и со криминални дејства.

РУЖИНО ДРВО - ANIBA ROSAEODORA

Од мебел до парфеми, ова дрво од прашумите има широка намена, од производство на виолини до работни плочи во кујната, но наскоро може да исчезне. CITES, меѓународното тело за заштита на загрозени видови бара како најмала мерка да се постави регулирањето на користење на розиното дрво, ако не и да ја забрани трговијата со истото. 

Тоа нажалост не ги спречува произведувачите на есенцијални масла да смислат разни трикови. Young Living која е меѓународна компанија признала дека во 2017 добивала есенцијално масло од розино дрво на илегален начин, па била казнета во согласност со тоа. 

Но, ова не го решава проблемот. Може да се кастри, што значи дека кога гранките ќе се исечат ќе пораснат уште поздрави. Модерните произведувачи можат да го дестилираат маслото од стеблата, оставајќи можност да го добијат повторно кога ќе е потребно.

ИЛАНГ ИЛАНГ - CANANGA ODORATA

Иланг иланг е познат во парфемската индустрија поради долготрајноста на мирисот и интензивните цветни ноти. Но, набавката на најдоброто масло не е едноставна. Се претпоставува дека постои градација во квалитетот. Рангирањето се движи од најголема оцена до најмала оцена III. Искрено, на пазарот има многу малку од тоа со најдобрата оцена и баш поради тоа ова масло најмногу се фалсификува. Тоа можат да го прават компаниите кои го употребуваат маслото со најнизок квалитет или користат различни поефтини алтернативи, а ако се гласините точни тие понекогаш користат и антифриз. 

Потекнува од Индонезија, а стеблото на иланг иланг сега може да се пронајде и на Мадагаскар и на Коморските острови кои станале центар на индустријата на ова есенцијално масло. На Коморските острови оваа индустрија може да доведе до целосно самоуништување поради дефорестацијата која се предизвикува со употребата на домашни дестилатори кои го користат локалното дрво како гориво. Дефорестацијата е огромен проблем бидејќи земјата се расчистува за да се посадат стебла иланг иланг, а пронаоѓањето на хармонично решение е исклучително тешко. 

ВАНИЛИН

Не ванила, туку ванилин. Бидејќи се намалуваат залихите на ванила, пронајдени се неколку алтернативи. Ако се произведува ванила по правилата, се суши на сонце со недели, се дава грижа како за новороденче и дури тогаш може да се има среќата да се видат чисти бели кристали како се појавуваат на површината на мешунките. Кога површината е полна со слаткиот мирис на ванила, тоа значи дека е со добар квалитет. Додуша, ванилинот може да се произведе и без ванила од природен извор. Некои користат пулпа од дрвото за да ја претворат во ванилин, а тоа е причината зашто листовите од книгите имаат сладок мирис на сладолед додека ги прелистувате. Во секој случај, историјата на ванилинот е голема и има важна улога кога се произведуваат ефтини ноти на ванила за ароми и парфемската индустрија.

METHYL IONONE

Понекогаш природата не може да се надмине ни од најдобрите произведувачи на парфеми, а кога зборуваме за темјанушти, природата и понатаму е во предност. Слаткиот мирис на темјанушки не може да се долови на никаков начи, а alfaisomethyl ionone (или methyl ionone) e мешавината која мириса најблизу до нив. Тоа е безбојна мирисна состојка која има пудрест, дрвенест и цветен мирис, многу сличен на темјанушката и перуниката. 

Alpha-isomethyl ionone е безбедна синтетичка состојка која се користи во големи количини во козметиката и индустријата на мирисот како би се изимитирал мирисот на темјанушки, со слатки и пудрести мирисни ноти. Ionone е откриен во 1893 од Tienmann и го променил лицето на парфемската индустрија пружајќи алтернатива на ретки и скапи масла од цветови. Сега се користи во неколку различни облици, а alpha-isomethyl може да се пронајде во многу мириси: од детергенти за перење алишта до парфеми. 

СИНТЕТИЧКИ МОШУС

Полови жлезди можеби и не се најочигледен избор за мирисни ноти, но низ историјата се употребувале редовно. Жлездите се ваделе грубо од мртви мошусни елени поради своите мирисни својства. За среќа, технологијата е од голема помош и сега често употребуваните мошуси по правило секогаш се добиваат по лабораториски пат. 

Но, како и секогаш, не застанува тука се’ бидејќи некои синтетички мошуси се покажале штетни за околината бидејќи се биоакумулираат во реките и езерата. Lush посебно и внимателно ги избира синтетичките состојки за да се увери дека се сигурни за употреба и дека немаат негативно влијание врз екосистемите, животните и луѓето.